Не стивнува интересот од компаниите за евтините кредити од ЕИБ. Откако на 31 декември минатата година беше потпишан договорот за четвртата кредитна линија со Европската инвестициска банка (ЕИБ), расте интересот кај компаниите, односно се повеќе кредитни барања стигнуваат на адресата на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР). Од новите 100 милиони евра пари за кредити со камата од 5,5% до крајот на месецот ќе бидат повлечени 17 милиони евра за проекти. Според информациите од МБПР, кредитни барања од компаниите стигнуваат секојдневно, најмногу за реализација на инвестиции во производство.
Не стивнува интересот од компаниите за евтините кредити од ЕИБ. Откако на 31 декември минатата година беше потпишан договорот за четвртата кредитна линија со Европската инвестициска банка (ЕИБ), расте интересот кај компаниите, односно се повеќе кредитни барања стигнуваат на адресата на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР).
Од новите 100 милиони евра пари за кредити со камата од 5,5% до крајот на месецот ќе бидат повлечени 17 милиони евра за проекти.
Според информациите од МБПР, кредитни барања од компаниите стигнуваат секојдневно, најмногу за реализација на инвестиции во производство.
Александар Станојковски, директор на секторот за кредитирање во МБПР, вели дека договорот со ЕИБ е потпишан на последниот ден минатата година и од почетокот на оваа година новите 100 милиони евра им се достапни на компаниите.
- Го затворивме списокот од кредитни барања за повлекување на нова транша и до крајот на месецот ќе бидат повлечени 17 милиони евра од евтината кредитна линија субвенционирана од Владата. Повлекување на средствата е според веќе утврдената динамика, а интересот од компаниите е со се поголем интензитет, објаснува Станојковски. Според него од досега одобрените кредити, најголемиот дел се искористени од производствени компании, по што следат трговците, услужните дејности, транспортните компани.
- Малите и средните претпријатија може да ги користат средствата од ЕИБ за обртни средства и за инвестиции, а големите компании може да аплицираат за проекти од областа на животната средина, претприемаштвото и иновации, енергетика, инфраструктура, индустрија и други услужни дејности, велат од развојната банка.
Во услови кога има голема воздржаност од страна на домашните комерцијални банки во поглед на финансирање на активностите на економијата, излегува дека најсилен импулс на економските движења во земјава се појавуваат преку МБПР и особено преку користење на кредитните линии што ги добива Македонија од ЕИБ. Новите 100 милиони евра што и се одобрени на Македонија, според експертите ќе бидат кредитен импулс за очекуваниот раст на македонската економија во наредниот период.
Ова значи дека за неполни пет години Владата обезбедила 350 милиони евра за евтини кредити за компаниите.
Според податоците на МБПР, првата кредитна линија од ЕИБ за поддршка на малиот бизнис од 100 милиони евра, Владата ја обезбеди во 2009 година кога беше екот на кризата и кога компаниите имаа огромна потреба од поволни кредити. По две години Владата обезбеди втора кредитна линија од 50 милиони евра, која беше експресно повлечена од компаниите, по што минатата година беше обезбедена и трета кредитна линија од уште 100 милиони евра или вкупно 250 милиони евра.
Со првите две кредитни линии од 150 милиони евра беа поддржани 712 проекти на мали и на средни претпријатија што отворија 3.150 нови работни места.
Од третата кредитна линија досега се повлечени 50 милиони евра, односно кредит добиле 182 компании. Третата кредитна заклучно со минатата година обезбеди отворање на 1.314 работни места.